Пратениците утре да си дојдат на работа, дали пешки или порано. Ние ќе работиме, синдикатите ќе си протестираат. Ова го кажа на брифинг со новинарите претседателот на Собранието, Африм Гаши, во пресрет на најавената блокада на Собранието од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија. Утре од 9 часот, работниците предводени од ССМ ќе одржат протест со блокади на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“ за да не може пратениците да дојдат со возила на работа и како што велат да не можат да си наплатат патни трошоци.
„Најавивме на сите координатори да им кажат на пратениците да најдат начин да дојдат на седница, дали пешки, дали порано. Ние мора да продолжиме да работиме, а притоа да го почитуваме правото на штрајк. Нема да има специјално обезбедување на Собранието. Шефот на мојот кабинет имаше средба со МВР, тие си имаат редовни безбедносни протоколи. Така, ние ќе си работиме, тие ќе си протестираат“, рече Гаши.
Во однос на барањето на синдикалците за 600 евра минимална и за зголемување за 6.000 денари на сите останати плати, Гаши рече дека секоја партија ќе си заземе свој став. Во однос на иницијативата пак за намалување на функционерките плати, според него, треба да се направи анализа и нивелирање по важност на платите на функционерите.
Од ССМ пак ги повикаа работниците утре да се приклучат на блокадата на Собранието. Велат најмалку по 250 евра плус за пратениците, а ни 25 евра за работниците е срамно.

„Согласно закон најмалку по 21 човек ни се потребни, на двете локации по 21 човек за да ги блокираме пратениците, да не се грижат тие за тоа колку луѓе ќе излезат на улица, имајќи во предвид дека блокадата треба да упати порака до пратениците дека тие го блокираат законот за минимална плата повеќе од една година, а за истиот временски период секое семејство е посиромашно за 9.500 денари месечно, затоа што вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за толку пари во истиот период“, рече Трендафилов.
Од ССМ најавија дека доколку пратениците и понатаму молчат, преминуваат на собирање на 10.000 потписи со кои како овластен предлагач ќе предложат закони со кои ќе ги намалат функционерските и ќе ги зголемат работничките плати.
Ова е првата од најавените блокади на ССМ. Во четврток блокадите се селат кај работодавачите, односно пред Коморите, а за 17 февруари е најавена блокада на Владата. Доколку се нема слух за нивните барања, од ССМ најавија нови протести, а не исклучуваат и Генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.
