Стапи на сила новиот закон за енергетика – Инженери: Да нема повеќе паушални сметки за струја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе продолжат ли граѓаните да плаќаат паушални сметки за струја?! Здружението на инженери со претставка до Регулаторна бара бришење на членот 31 од Правилата за снабдување со кој се дозволува издавање на сметки врз основа на проценета потрошувачка. Велат новиот Закон за енергетика не го дозволува тоа, освен во случаи кога струјомерот не е исправен.

„Иако претседателот на Регулаторна очекува тоа да го реши со подзаконски акт, односно да изврши промена на Правилата за снабдување со електрична енергија, цениме дека тоа не е во ред, бидејќи промената, решавање на законски одредби со подзаконски акт тоа е фактички мешање во работата на Собранието и не смее така да се решаваат работите. Така да единствено решение останува да се прменува законот доследно.“, вели Дениз Мустафаоглу од Здружението на инженери.

Од Регулаторна велат ја добиле претставката и ќе одговорат.

„Од 29 мај на сила стапи новиот Закон за енергетика, согласно обврските од истиот, РКЕ ќе треба да подготви нови подзаконски акти, што значи дека ќе бидат донесени и нови Правила за снабдување со електрична енергија“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Регулаторната,пак неодамна ја одби идејата ЕВН да ги чита броилата на струја еднаш месечно. Пресметката покажала дека тоа би чинело околу 10 милиони евра годишно и би ја зголемило цената на струјата за граѓаните за околу 5%. Наместо тоа, се планира постепено воведување паметни броила во наредните 2-3 години.

„ На годишно ниво од овие дополнителни 10 милиони евра за набавка на нови мерни уреди, на крајната цена влијанието би било 0,1%, речиси никакво влијание. Така да тоа ќе го направиме и во наредниот период, да ја задолжиме Електродистрибуција да набави уште повеќе броила, за да можеме во период од две до три години, некаде помеѓу 70 и 80% од потрошувачите во државата да имаат броила со далечинско отчитување“, вели Марко Бислимовски од РКЕ.

Паушалните пресметки создадоа голем проблем зимава, кога голем број граѓани добија двојно повисоки сметки поради премин во четвртиот блок каде струјата е најскапа. И додека се работи на решавање на проблемот од Регулаторна најавија дека на следната сметка, граѓаните ќе добијат инструкции како сами да ги читаат броилата и да пријават. На сметките ќе мора да стои и дали потрошувачката е пресметана врз основа на реално отчитување или проценка.