Стартува проектот трамвај на тркала , две брзи линии-Ѓорче Петров- Ново Лисиче и Бутел-Кисела Вода

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со новиот автобуски систем, односно трамвај на тркала, со брзи и енергетско ефикасни автобуси граѓаните на Скопје ќе имаат многу подобри услуги и а воедно ќе се придонесе и во подобрување на животната средина. Ова го најави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на денешното потпишување договор за кредитирање со Европската банка за обнова и развој во висина од 70 милиони евра. За овој превоз ќе треба изведба и на посебна сообраќајна лента.

„Многу е комплексен целиот систем кој што освен интервенции во инфраструктурата бара и посебни софтверски решенија, посебен систем за водење на целокупниот овој превоз. Системот на сообраќај на градот Скопје ќе биде посветен токму на бас рапид транзитот како таков. До таа мера оди автоматизиран системот што во затворената автобуска станица на моментот кога ќе застане возилото во тој момент се отвораат паралелно вратите и од возилото и од станицата, со цел да имаме таков еден трансфер“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека овој проект ќе овозможи побрзо стигнување до работните места, што е особено важно и потребно за граѓаните на Скопје. Со ваквиот проект Скопје ќе биде првиот град на Балканот со овој систем на градски превоз, рече Бесими.

„Во оваа и во следните години ќе инвестираме во проекти коишто ќе придонесат за заштита на животната средина, ќе го олеснат транспортот и ќе го направат побрз и поедноставен. Ќе се заштеди и во време и во енергија, ќе се овозможи раст на инвестициите и работните места, а ќе се придонесе и во подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими. 

Парите преку заем ги обезбедува Европската банка за обнова и развој, за што претставникот Анди Аранитаси рече дека проектот ќе воведе нов концепт на јавен превоз.

„Во склоп на кредитирањето  ЕБОР планира да обезбеди грант во износ од 1,5 милиони евра кој што ќе се користи за помош на градот во имплементација на проектот и подготовка на студија за изводливост на втората фаза“, посочи Анди Аранитаси од ЕБОР.

Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои што ќе бидат исклучиво наменети за овие автобуси и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Во првата фаза ќе бидат набавени 26 автобуси, а во втората уште 22.