Државната изборна комисија ги повика граѓаните да направат увид во Избирачкиот список за да проверат дали се на списокот и тоа да го направат до 11 март. Со последните измени на законот воведена е новина сите граѓани кои на денот на изборите ќе наполнат 18 години ќе бидат внесени во списокот, што досега беше до денот на распишувањето на изборите. Проверката може да ја направат по електронски пат. Покрај увидот, од ДИК повикуваат да си ги проверат и личните документи.
„Се повикуваат сите заинтересирани граѓани на Република Северна Македонија кои сакаат да извршат увид на своите податоци во Избирачкиот список дека тоа може да го направат по електронски пат на официјалната веб страна на ДИК. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците на Избирачкиот список се поднесуваат писмено до подрачното одделение или пак во канцелариите на ДИК, или електронски“, вели Енвер Салихи.
„Оние што нема да успеат да ги обноват во овој меѓупериод или да ги подигнат личните карти, иако на денот на гласањето ќе бидат на избирачкиот список, на истите Избирачките одбори не смеат да им дозволат да гласаат. Апел до сите граѓани да си ги проверат личните документи за после да немаме приговори, поплаки, претставки и да објаснуваме зошто нема да можат да гласаат“, додава Борис Кондарко.
