Статус кво во преговарачкиот процес на Македонија со Европската унија. Причината според премиерот Димитар Ковачевски се „анти ЕУ, анти НАТО и проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица“. Тој додава дека граѓаните со овие политичари може да се уверат дека се лишени од приклучокот кон прогресивното Европското семејство. Овој самит го спореди со 2008 година, НАТО самитот во Букурешт, кога нашата земја не доби покана за членство, поради нерешениот спор со Грција.
ТВ21: И во заклучоците пишува дека веднаш би се одржала втората меѓувладина конференција по усвојувањето на уставните измени, дали евроизборите би биле отежнувачки фактор, доколку во наредниот период би се направиле уставни измени?
Ковачевски: Прво единствен отежнувачки фактор, зошто не е одржана втората меѓувладина конференција која што е јасно наведена во заклучоците е антиевропската, анти ЕУ, анти НАТО и проруска коалиција во Северна Македонија. Штом бидат спроведени амандманите на уставот кои се од техничка природа што сите вие тоа го знаете бидејќи нема никаква забелешка во однос на амандманите, тогаш ќе биде одржана втората меѓувладина седница. Секако овој прозорец на можност, кој што го имаме до изборите во Северна Македонија и во ЕУ не смее да се пропушти.
Во заклучоците, Европската унија ја нагласува потребата од спроведување на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Се посочува дека Западниот Балкан е потребно да се посвети на регионална соработка и јакнење на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на Унијата. Во документот, се наведува и спроведувањето на Охридскиот договор постигнат меѓу Белград и Приштина без натамошно одложување или предуслови на нивните заемни односи. Инаку доцна синоќа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека Западен Балкан треба постепено да се интегрира за да се почувствуваат придобивките од членството уште пред и официјално да станат членки. А како помош за постепена интеграција беше претставен и план за раст на Западен Балкан вреден шест милијарди долари.
Јовица Пауноски, ТВ21, Брисел, Белгија.
