Извештајот на Стејт департментот што беше објавен па повлечен пред две недели не само што нема корекции, туку е и дополнет. Иако власта постојано наведува дека се подобрува на планот на сузбивање на криминалот и корупцијата, токму Извештајот наведува дека во Македонија главен проблем е корупцијата. Се истакнува фактот дека постојат добри закони за борба против ова зло, но дека нивното спроведување е слабо и селективно. Се водат постапки против критичари на власта како и помали престапници, стои во извештајот.
„Северна Македонија има закони чија цел е борба против поткупот, злоупотребата на службената положба, конфликтот на интереси, а владините функционери и нивните блиски роднини се законски обврзани да ги објават нивните приходи и имот. Сепак спроведувањето на антикорупциските закони на моменти е слабо, при што селективно се таргетираат критичари на власта и престапници од низок калибар“, се вели во извештајот на Стејт департментот.
Има кредибилни обвинувања за корупција во полицијата, обвинителството, судството и многу други сектори. Особено забелешки има во делот на водењето бизниси, каде и тука се наведува корупцијата како проблем во кој особено се потенцираат владините тендери.
„Многу бизниси кои функционираат во Северна Македонија, вклучително и некои од САД, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во правосудството“, стои во извештајот.
Од Кабинетот на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, велат овој Извештај сериозно ќе го разгледаат и дека сите забелешки се добредојдени. Повторуваат дека борбата против корупцијата и криминалот останува приоритет на власта.

„Во извештајот е нотирано дека компаниите кои работат во Технолошко-индустриските зони имаат позитивно искуство за инвестиции и имаат воспоставено добар однос со владините претставници. Секако, споменати се и сегменти на кои треба да се работи. Овие детектирани слабости се решаваат преку мерките содржани во Планот за борба против корупцијата, преку кој моментално се работи на подобрување на Законот за јавни набавки, зајакнување на управната контрола во Бирото за јавни набавки како и на носење на интерни процедури за спроведување на јавни набавки кај секоја институција во системот на државата“, истакнаа од кабинетот на Николовски.
Со свој став се огласија и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Извештајот на Стејт департментот ги нотира криминалот и корупцијата на власта.
„Извештајот на Стејт Департментот на САД потврдува дека Зоран Заев и неговата влада ја зацементирале Македонија на дното. Се нотира корупција, криминал, поткуп на државни службеници, селективност на правдата и злоупотреба на законските процедури.Нашите стратешки партнери нотираат злоупотреба на скратените постапки во Собранието. Тоа е работа против која ВМРО-ДПМНЕ континуирано се бори, но и постојано збори.“, рече Мисајловски.

Реакција стигна и од Алијанса за Албанците
„Алијанса за Албанците го оценува како несериозно и неодговорно однесувањето на Владата, која ваквите аларми ги третира со небрежност, додека најсериозните последици ги сносат граѓаните кои ја напуштаат државата секој ден, за да бегаат од недостаток на перспектива и корупција на институциите кои се фатени од сегашната власт.“, се вели во реакцијата од Алијанса за Албанците.

Во она што како позитивно се наведува во Извештајот е работењето на Антикорупциска комисија која отворила повеќе истраги на високи функционери. Исто така се забележува и дека дел од истрагите кои ги отвори поранешното СЈО имаат исход во кои обвинети добија затворски казни.
