Стигнаа првите 17 лесни оклопни возила наречени Страјкери, а до средината на летото треба да пристигнат вкупно 42 кои се дел од набавката на воени возила од Соединетите Американски Држави.
Станува збор за возила кои даваат исклучителна мобилност со оглед на тоа што можат да соберат една единица од 11 војници и да развијат максимална брзина до 100 километри на час.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски рече дека набавката на Страјкерите се најкрупната инвестиција и дека земјава прави се што е потребно да имаме модерна војска со многу опрема..
„Она што го бара НАТО од нас е да вложуваме над 20% во модернизација ние го правиме тоа уште повеќе преку 32% во нашиот Буџет се директно за модернизација следат уште многу проекти бидејќи изминатиов период заедно со нашите пријатели од САД направивме повеќе договори Влада со Влада. Најголем дел поминаа во Собранието, очекуваме следниот период за дополнителни наоружувања, дополнителна опрема, беспилотни летала, опрема за специјалните единици и многу проекти“, вели Владо Мисајловски.

Заменик шефот на мисијата на амбасадата на САД во земјава Никол Варнс рече дека Македонија како НАТО сојузник прави се за модернизација на Армијата.
„Северна Македонија прави вистински и видлив чекор напред во модернизацијата на своите вооружени сили и зајакнувањето на своето место во НАТО алијансата. Овие Страјкери се повеќе од едноставни нови возила во вашиот инвентар тие се конкретен знак на нашето партнерство и јасен израз на нашата заедничка посветеност да ги браниме нашите земји нашата алијанса и вредностите за кои се залагаме“, вели Никол Варнс.
Покрај набавката на Страјкерите дополнително во тек е уште еден проект кој што се реализира со САД наречен Клиса со кој ќе се реставрираат старите и оштетени возила кои биле чувани во депоата. За сега набавени се резервни делови и опрема за да се оспособат и овие возила.
