Во листите на албанската опозиција за пратеници на претстојните парламентарни избори ќе има и претставници од движењето Самоопределување од Косово. Ова вчера го соопшти Европскиот сојуз за промени, најавувајќи дека целата кампања и политичка програма ќе се одвива во соработка меѓу трите партии кои го формираа Европскиот сојуз промени и Самоопределување. За премиерот Димитар Ковачевски нема ништо лошо ако сестринските партии меѓусебно се поддржуваат, но според него опозицијата треба да ги разјасни своите изјави за учеството на Самоопределување на изборите. Ковачевски вели дека треба да се види законот за избори и политички партии бидејќи не е во ред партиите од соседните земји да доаѓаат и да учествуваат на изборите во Северна Македонија.
Вклучувањето на Самоопределување во изборите листи на албанската опозиција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го оцени како предизборен фолклор. Вели дека тие кои сакаат да учествуваат во избори треба да ги исполнат законските и уставните норми.
Политичкиот аналитичар Сефер Селими вели дека одлуката на Самоопределување да дејствува на политичката сцена во друга држава, без да формира политички субјект, е постапка без преседан за албанската политика. Според Селим, вклучувањето на Самоопределување на изборите нема да има влијание врз распределбата на гласовите бидејќи, како што вели, Албанците во Македонија имаат своја автентична политика.
„Не очекувам дека ќе има некаков ефект врз гласовите на опозицијата бидејќи сите политички партии кои ја формирале оваа коалиција се лица кои политиката во Македонија ги знае. Станува збор за носители на јавни функции и не носат ништо ново од аспект на потребата или желбата за промена во политичката сцена“, вели Сефер Селими.
Инаку вчера Беким Ќоку, советник на премиерот на Косово Албин Курти рече дека причината поради која Самоопределување и помага на албанската опозиција е да носи промени и да исчезнат коруптивните политики и да се елиминира дискриминацијата кон Албанците.
