Околу 120.000 вработени или преку 20.000 компании добиле финансиска поддршка од Владата, а најмалку 145 милиони евра се потрошени за стопанството, информираше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Со сигурност тврдам дека најмалку 145 милиони евра се вбризгани во стопанството. Ќе напоменам, некои 79 милиони беа со директни средства со субвенции на плати кои што одеа кај компаниите, овде не ги набројувам платежните картички кои на крај завршија кај стопанството со 27,6 милиони евра“, посочи Фатмир Битиќи.
„Овде се и бескаматните кредитни линии кои се искористени, како што е кредитната линија од Европската инвестициска банка, и тие се во износ од 51 милиони евра“, истакна вицепремиерот. Мерките, според Битиќи дале резултати а биле навремени и таргетирани. Одговарајќи на новинарско прашање зошто поддршката не се дава директно на вработените, Битиќи рече дека одговорноста за исплата на платите паѓа на компаниите а поинаку би се нарушил пазарниот принцип. Вчера и претседателот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски го потенцираше овој проблем
„Сакам да апелирам до несовесните работодавачи кои во минатото не ги дадоа субвенциите што ги земаа од март па се до август да не пробуваат ова да го направат бидејќи ние како ССМ баравме да се вметне еден член за да ги заштитиме работниците, во кој јасно кажува секој работодавач што ќе ги земе субвенциите а не ги исплатил на работникот во целост ќе следува кривична пријава .Кривична пријава е еднаква на затвор“, додаде Дарко Димовски.
Битиќи објасни и тоа дека исплатата на платите ќе се врши скалесто во зависно од тоа колкава штета претрпеле компаниите од Ковид кризата. Според него Ребалансот на Буџетот ќе биде заокружен до крајот на неделата.
Ќе се крати, како што рече, она што очигледно нема да може да биде реализирано до крајот на годината. Според него Можно е зголемување на дефицитот, а проекцијата за БДП е со пад од 4 отсто.
