Стотици туристи блокирани на Блискиот Исток, меѓу нив и македонски државјани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стотици туристи останаа блокирани во Израел поради ескалацијата на конфликтот, откако аеродромите се затворени, а се разгледуваат алтернативи за евакуација.

„Ова не го снимам, само слушнете! Помина? Колку е часот – 2! Не знам од каде доаѓаат овие детонации!“

Стотици туристи се заглавени во жариштата на војната на Блискиот Исток. Меѓу нив е и Евис Нуре од Албанија, која ексклузивно зборува за ТВ21. Таа веќе една недела е заглавена во хотел во Тел Авив.

„Во моментов немам информации за другите Албанци. Ја контактирав нашата Амбасада во Тел Авив, но се обидувам да најдам начин да се придвижам бидејќи аеродромите се затворени. Денес требаше да имам повратен лет за да заминам од Израел. Разгледувам можност да резервирам друг лет за следната недела, а во меѓувреме барам алтернатива за движење по копнен пат.“, порача Евис Нуре.

Евис Нуре раскажува и за начинот на засолнување во бункери за време на воздушните напади од Иран кон Израел.

„Денес, на 3 март, имаше само два напада. Првиот ден беше пострашно бидејќи алармот се огласуваше на секои 10 минути. Она што нè направи да се чувствуваме малку посигурни беше организираноста на процесот. Добивме порака на телефон со повик да се упатиме во безбедна зона за засолнување – во хотел или каде и да се наоѓаме. Потоа добиваме нова порака дека нападот завршил и можеме да излеземе од засолништето.“, додаде Евис Нуре.

Таа додава дека во моментов немаат проблеми со обезбедување храна и апелира до семејствата на сите заглавени граѓани да не се загрижуваат, бидејќи се третираат исто како и израелските државјани.

„Првиот ден сè беше затворено – продавници и сè останато, освен неколку ресторани во хотелите. Некои маркети беа отворени, што не ни создаде проблем со снабдувањето со храна.“, вели Евис Нуре.

Од Министерство за надворешни работи на Северна Македонија информираа дека до вторник напладне вкупно 473 македонски државјани стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби.

Од нив, 19 лица се јавиле од Израел, 106 од Катар, а 348 од Обединети Арапски Емирати. Овој број вклучува и 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.

Министерството информира дека алтернативите за безбедна евакуација на граѓаните кои се наоѓаат во Тел Авив се во фаза на анализа. Копнена евакуација не се препорачува за граѓаните што се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, а евакуацијата ќе започне штом се создадат првите безбедни услови.