Се собраа за да разговараат за реформите и стратегијата во јавната администрација. Не е првпат тоа да се случи кај нас. Проблемите со кои се соочува јавната администрација и граѓаните се познати со години, но до денес не се најде решение или не се спроведуваат стратегиите.
Сите досегашни министри за информатичко општество и администрација ветуваа департизација и деполитизација на администрацијата, но во пракса речиси ништо не е реализирано. Го прашавме и министерот Азир Али дали ќе може да ја реформира администрацијата со новата стратегија што ја презентираше денеска. И тој очекува дека оваа година ќе започне процесот на реализација на визијата за деполитизирана, ефикасна и отчетна јавна администрација, која дава квалитетни услуги.
„Сме имале анализа од Сигма за 2021 година и врз основа на сите пронајдоци кои биле во таа анализа, значи стратегијата се совпаѓа со тоа што било во извештајот на Сигма за 2021 година. Значи сите форми на злоупотреби или лошо управување на институциите се предвидени со оваа стратегија, значи како во стратегијата така и во акцискиот план и јас сум убеден дека преку дигитализацијата ние ќе ги подобриме сите овие процеси. Верувам дека единствено со оваа форма може да се спречат ваквите видови на злоупотреби“, вели Азир Алиу.
Шефот на програмата СИГМА. Грегор Вирант, изјави дека стратегиите се многу добри, но нивното спроведување е многу тешко.
„Стратегијата е многу добро писмо, многу солидно писмо, но тоа е само почеток на патувањето и имплементирањето ќе биде најтешката работа и кога ги гледам земјите од регионот, земјите во транзиција, можам да кажам дека најважна е политичката волја и промената на културата“, истакна Грегор Вирант.
И европскиот амбасадор Дејвид Гир, зборуваше за реалната состојба во јавната администрација. Тој изјави дека стратегиите се добри, но се уште подобри кога треба да се спроведат. Тој истакна дека земјава се уште е далеку од соодветна јавна администрација, додавајќи дека за ова треба многу да се работи.
„Да, постигнат е напредок, но уште има многу големи предизвици, во човечки капацитети, транспарентност и одговорност. Многу често политичките партии интервенираат во именувањата, значи дека политичкиот фактор е поважен од заслугите или надлежностите и се разбира често пати во комплицирана средина резултира со неадекватна меѓувладина и меѓуинституционална соработка. Сепак овие предизвици не се карактеристични само кај вас, значи не се единствени, со овие предизвици се соочуваа многу земји во светот“, вели Дејвид Гир.
Азири извести дека се во фаза на подготовка на закон за високи раководни функции, при што за првпат ќе има методологија како од граѓанин да станете раководител на било која институција. Тој додаде дека со новата стратегија ќе имаме поинклузивна, потранспарентна јавна администрација која ќе дава услуги во реално време и ќе биде компатибилна со европските стандарди.
