И премиерот Димитар Ковачевски е на иста линија со вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека предолгото стоење пред вратите на Европската унија ја намалува доверба на граѓаните. Сепак вели дека Македонија останува на тој пат, а стратешкиот дијалог со САД не е замена за евро-интеграциите.
„Ние ќе работиме, како што работевме и досега на унапредување на нашето законодавство, на унапредување на процесите во државата и на зголемување на нашата соработка со сите земји членки на Европската унија но и на зголемување на нашиот стратешки партнерски однос со Соединетите Американски Држави. За нас не постои замена за членство во Европската унија затоа што прво ние сме дел од Европа ние веќе имаме усогласено 45 проценти од законодавството со Европската унија“, истакна Димитар Ковачевски.
Американската амбасадорка Кејт Мери Брнз рече дека стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија е нешто што почна пред многу години, а сега се унапредува, но како што посочи и таа стратешкиот дијалог со САД не е замена за членството на Македонија во Европската унија.
„Она што постојано го кажуваме е дека Република Северна Македонија има направено тешки задачи дека е подготвена за приклучување кон Европската унија, сакаме тоа да го видиме што е можно поскоро, бидејќи тоа значи повеќе безбедност за регионот, повеќе безбедност за Европа и силните северноатлански односи. Ние ќе продолжиме да вршиме притисок, но стратегискиот дијалог исто така ќе го унапредиме во секој поглед бидејќи нашите билатерални односи се многу важни“, посочи Кејт Мари Брнз.
Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе одржи стратешки дијалог со САД кој ќе се случи на 2 јуни во Вашингтон. Соработката ќе се одвива во повеќе сфери како што е надворешната политика, економија, инвестиции, образование, одбрана и во многу други области кои ќе значат нивно унапредување, а следната недела ќе биде дефиниран тимот на министри и експерти кои ќе присуствуваат на средбата во Вашингтон.
