Струга без стационар за бездомни кучиња, судир меѓу општината и советниците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Струга без решение за стационар за бездомни кучиња, откако Општинскиот совет не успеа да го реши овој проблем. На седницата на Советот беше поставена точката за гласање на концесијата за стационар за бездомни кучиња, која две седници по ред не беше изгласана.

Градоначалникот на Општина Струга за ова ги обвини советниците од НАИ и независната листа на Мерко.

„Во Советот на Струга не беше изгласана точката од дневниот ред за стационарот за бездомни кучиња. За жал, транспарентно се докажа и скриената коалиција, која денеска се виде и јавно, коалиција меѓу АКИ и независната листа Мерко, кои не гласаа за многу важна точка за бездомните кучиња, која граѓаните на Струга долго време ја очекуваат. Од денеска се знае точната адреса за секое каснување на дете, жена или постаро лице.“, изјави Менди Ќира.

Од друга страна, советниците на ДУИ вината ја насочуваат кон градоначалникот на Општината и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи според нив, во физибилити студијата биле забележани многу неправилности, кои, како што велат, ги забележал и самиот градоначалник Ќира.

„За жал, ниту еден претставник од Општината, ниту еден претставник од компанијата која ја изработила студијата, не беа присутни на таа седница и не одговорија на ниту едно прашање на советниците, и како таква оваа точка не помина. Истата точка се обиде да се помине на вонредната, кландестински свикана седница од страна на претседателот на Советот, но во текот на дискусијата за физибилити студијата, Советот немаше време соодветно да ја разгледа оваа изменета студија во однос на претходната. Во текот на дискусијата беа забележани низа сериозни грешки.“, рече Положани.

Да потсетиме, Струга со години се соочува со проблемот со бездомните кучиња, кои претставуваат сериозна закана за граѓаните, особено во текот на летото кога градот е преполн со туристи.