Струга останува со градоначалник „нон грата“ – Мерко „жив“ на Фејсбук, но од општината не се откажува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не поднесе оставка од функцијата градоначалник на Струга, но изрази подготвеност да им помогне на органите на правдата да ја обелоденат вистината за процесите против него. По речиси еднонеделен молк за неговото нон грата прогласување од САД, Рамиз Мерко оживеа на Фејсбук. Тој во неговата објава го повторува она што минатата недела го кажа портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, дека ги замрзнува сите активности во партиските структури, но никаде не ја споменува функцијата градоначалник на Струга.

„По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Oд страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции“, вели Рамиз Мерко.

Во меѓувреме, правосудните институции продолжуваат да се судираат и меѓусебно да се обвинуваат за непостапување по случаите на Мерко. Од Судскиот совет велат дека неосновани и неаргументирани се тврдењата на Антикорупциска дека Советот не постапил и го криел случајот на Мерко. Бараат докази од Антикорупциска дека кога реагирале за влијанието на Мерко врз претседателот на струшкиот суд, предметот бил се уште активен.

„Од Судскиот совет ја повикуваат ДКСК да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога се уште течеле роковите за постапување. Зачудува фактот што на Антикорупциска и требале дури 2 години да  реагира со ургенција за споменатиот случај и се поставува прашањето зошто не се заинтересирале дотогаш да побараат одговор дали е постапено по истата“, велат од Судски совет.

Од Советот информираат дека во текот на утрешниот ден тричлена комисија предводена од членот Милазим Мустафа ќе го посети Основниот суд Струга за да разговара со судиите доколку имало некаков притисок. По посетата ќе биде изготвен извештај и истиот ќе биде презентиран пред Судскиот совет и јавноста. Дури и републичкото обвинителство соопшти дека извршиле контроли во Основното обвинителство на Струга за да се видат како постапувале обвинителите во предметите за Мерко.