Во понеделник, на 18 мај, студентите Албанци повторно ќе излезат на протест, барајќи правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.
Веста ја соопшти страницата „Студенти Албанци“ на Фејсбук, а истата ја сподели и еден од иницијаторите на оваа иницијатива, Мевлан Адеми, кој напиша: „Како нашите предци за овој аманет“!
Протестот ќе започне кај Камен мост во Скопје во 16:30 часот. Најавата за протест започна уште вчера, кога на еден мост беа поставени натписи на кои пишуваше: „Ако мислевте дека запревме, се излажавте. Првиот го игнориравте, вториот доаѓа“.
Да потсетиме, на 6 април во Скопје стотици студенти Албанци протестираа барајќи правосудниот испит да се полага и на албански јазик, а побараа и целосна примена на Законот за употреба на јазиците.
