Поранешниот министер за образование Спиро Ристовски, обвинет како еден од организаторите на насилните настани во Собранието на 27 април 2017 година при својота одбрана во суд, рече дека исказот на Александар Василевски – Нинџа, што се однесува до него е невистинит.
„Станува збор за невистинит исказ од лицето Александар Василевски – Нинџа. На денот на настанот не сум комуницирал, ниту пак сум го сретнал во просторите на ВМРО-ДПМНЕ, како што тој тврди. Во тој период немав никаква партиска функција, не сум имал никаков контакт со структурите на партијата“, вели Спиро Ристовски.
На протестите ,,За заедничка Македонија”, тој истакна дека лично не присуствувал. Вели дека како партија ВМРО-ДПМНЕ не ги подржувала протестите, но додава дека поединци учествувале во нив. Од организаторите го познавал само Богдан Илиевски.
Од друга страна, пак, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, исто така обвинет, во судот кажа дека нема вина за случувањата во Собранието и оти не го познавал Александар Василевски – Нинџа.
„Лицето Александар Василевски – Нинџа одговорно тврдам дека прв пат во живо го видов во оваа сала кога сведочеше, тоа беше прват со тоа лице да бидам во една просторија. Од мене има 45 илјади незаконски прислушувани разговори. Јас сум нелегално најприслушуваното лице во државата. Листинзите се достапни на обвинителството и ниту еднаш со ова лице не сум разговарал или разменил порака“, посочи Миле Јанакиески.
Ваквите тврдења, како што посочи, е подготвен да ги потврди и на полиграф пред целата јавност.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението на денешното рочиште е обвинителката е Катерина Коларовска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
