Судија прв пат сам против себе поднесе преставка, зголемен бројот на барања за утврдување на одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судијката Добрила Кацарска е прв судија кој сам против себе поднесува претставка за утврдување на одговорност. Таа писмото го доставила во петокот.

„Ние добивме барање од колешката Кацарска за испитување од страна на судскиот совет за евентуалната нејзина инволвираност во овој предмет. За прв пат се случува тоа да го бара судија, за себе. Меѓутоа независно од тоа, судскиот совет максимално сериозно ќе пристапи и кон проверки и утврдување на факти во врска со изнесувањето на Стефановска во записник во судница“, рече Киро Здравев, претседател на Судскиот совет.

За 13 пати е зголемен бројот на поднесени барања за утврдување одговорност до Судскиот совет. Во 2019 година се постапувало за 131 судија и претседател на суд. Причина за ваквата голема разлика е што со новиот Закон за судски совет се овозможи поголем пристап на јавноста во поднесување барања за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови.

„Разрешени се еден претседател на Суд и тројца судии во постапки за утврдување на одговорност покренати во 2017 година, а разрешен е и еден судија во постапка покрената во 2018 година. Се спровдоа постапки и избор на тројца судии, од повисоките судови, 14 претседатели на Судови и 25 судии поротници, а се утврди престанок на функцијата на судија поротник на 33 судии-поротници.“, вели Здравев.

Претседателката на Институтот за човекови права Маргарита Цаца Николовски, рече дека во рамки на проектот се следи работата на Советот во однос на отчетноста, транспарентноста, ефикасност и ефективност во работењето.

„Судскиот совет особено со новиот закон има голема улога во ефективно обезбедување независност и непристрасност на судството. Доколку Советот успее да ги оствари овие цели ќе го оправда своето постоење.“, вели Николовска.

Укажа, дека голем дел од препораките и заклучоците утврдени во рамки на проектот во изминатиот период, биле вметнати во работата на Судскиот совет. За транспарентноста Судскиот совет сега е задолжен со новиот закон задолжително да ги објави записниците од седници и да го образложи гласањето за избор на судии и претседатели на судови. Но, образложението се практикува само за судии кои се избрани за претседател на суд или повисок суд, но и не за судии кои не се избрани, а имаат повисок број на бодови од избраните судии.