Одлуката на тетовскиот суд дека печатите на АА и припаѓаат на крилото на Зијадин Села од крилото на Таравари ја нарекуваат манипулирана одлука. Според адвокатот на АА од крилото на Таравари, ваквата одлука е донесена под притисок и дека нивните докази воопшто не биле земени предвид.
„Јас ја имам пред себе одлуката, во одлуката само се цитира документацијата од другата страна без да се разгледа ниту еден наш доказ, барање и без да се проверат доказите и фактите од другата страна. Имам сомненија дека оваа одлука е донесена надвор од институцијата на тетовскиот суд и само е потпишана од судијата Илир Реџепи. Ние ќе ја обжалиме одлуката во Апелација во Гостивар и секако дека ќе бараме кривична и процедурална одговорност од претседателот на судот и судијата кој што донесе одлука за овој предмет“, вели Абедин Абдули.
Според Зијадин Села, одлуката е правична и според него тетовскиот суд одлучи која е вистинската Алијанса и кој е претседател на партијата.
„Она што се случи вчера и одлуката на судот во Тетово конечно ги запре злонамерните намери кои избегаа со цел да и наштетат на оваа политичка структура и на оваа политичка вредност за граѓаните на Северна Македонија и апелирам до сите активистите на АА кои имаа некаква дилема, им кажам дека тука е нивниот дом, тука е Алијансата за Албанците, им кажам дојдете, куќата е отворена“, вели ЗИјадин Села.
Во текот на денот ТВ21 до судот во Тетово достави прашање кога се одржува судската седница и кој е судија, од каде одговорија дека е донесено одлука да се одобри барањето за регистрација за промена на претседателот на политичката партија Алијанса за Албанците и барањето за промена на статутот на партијата и промената на претседателот да биде заведена во Судскиот регистар на партиите каде според одлуката наместо досегашниот претседател Арбен Таравари, во иднина за претседател на партијата да биде Зијадин Села.
Инаку, АА се подели кога нејзиниот тогашен шеф Арбен Таравари преку статус на Фејсбук ја соопшги својата одлука да учествува на изборите со здружената албанска опозиција, додека од АА, крилото на Села изјавија дека одлуката не ја донеле партиските тела и дека единствена одлука досега им била сами да настапат на избори.
После тоа, двете крила одржуваа конгреси и двете страни тврдеа дека се АА, со што ги разрешуваа функционерите на спротивното крило. Таравари и некои од неговите поддржувачи се приклучија на албанската опозиција во коалицијата ВРЕДИ, а крилото на Села неодамна стана дел од Евро фронт.
