Судот одреди притвор за возачот на камионот кој учествуваше во несреќата на скопската обиколница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судија на претходна постапка доцна синоќа му одредил мерка притвор на возачот осомничен за тешката сообраќајна несреќа што се случи на скопската обиколница, во која животот го загубија четири лица.

Одлуката е донесена по барање на надлежното јавно обвинителство, по спроведен распит во судот, со образложение дека постојат околности за опасност од бегство, како и можност за повторување на кривичното дело, соопштија од Судот.

Во трагичната несреќа загинаа три 20-годишни момчиња – Марко Ѓорѓиевски, Петар Миланов и Адам Велков, како и неговиот татко, оперскиот пејач Ристе Велков.

Јавното обвинителство претходно објави детали за несреќата, според кои осомничениот 76-годишен возач управувал товарно возило со полуприколка, движејќи се по северната обиколница на Скопје.

Како што наведуваат од обвинителството, тој не се придржувал до сообраќајните прописи и не ја прилагодил брзината според условите на патот, по што изгубил контрола над возилото, ја пробил заштитната ограда и навлегол во спротивната коловозна лента, каде се случил судирот со патничко возило.