Судијката Снежана Марковска, која му изрече 12-годишна затворска казна на Васил Јованов за сообраќајната несреќа во која животот го загуби Фросина Кулакова, донесе ослободителна пресуда за неговиот татко, Зоран Јованов.
Според соопштението на Судот, Марковска оценила дека дејствијата што му се ставаа на товар на Зоран Јованов не ги содржат законските елементи на кривичното дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ од член 298 од Кривичниот законик.
Во образложението на пресудата се наведува дека кривична одговорност не може да се темели единствено на фактот што обвинетиот е сопственик на возилото со кое управувало друго полнолетно лице без возачка дозвола. Судот утврдил дека ваквото однесување е предвидено како прекршок согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и не може да биде третирано како кривично дело преку проширено толкување на законските одредби.
Судот дополнително нагласил дека повторувањето на прекршочни дејствија само по себе не создава кривична одговорност доколку не се исполнети сите законски услови за постоење на кривично дело.
Според пресудата, непосреден причинител на трагичната несреќа е возачот кој самостојно управувал со возилото. Во образложението се потенцира и принципот на индивидуална кривична одговорност, според кој последиците од постапките на едно полнолетно лице не можат автоматски да се префрлат на друго лице само поради роднинска врска или сопственост врз возилото.
Пресудата засега не е правосилна, а странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд.
