Судски совет проверува предмети на судијата Ристов – Камбовски: Во текот на неделава ќе биде познато што е откриено

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Проверки се вршат врз работењето на апелациониот судија Ѓоко Ристов и тоа според анонимна претставка. Ваквите чекори се преземаат откако во куќата на родителите на Ристов беа пронајдени заѕидани 350 илјади евра, по што му беше одземен имунитетот и е отстранет од судиската функција. Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски изјави дека се уште се разгледуваат предметите по кои постапувал Ристов и податоци за тоа што е пронајдено ќе биде познато во текот на неделава. Тој најави и поширока контрола на Апелациониот суд.

„Беше извршена контрола на дел од предмети по кои што постапувал судијата кој што го споменавте, но во моментов немам податоци да ви изнесам во смисла дали е детектиран некој пропуст или не е бидејќи Комисијата се уште ги разгледува предметите. Неделава треба да се готови бидејќи станува збор како што ви кажав за 5 или 6, не се некој голем број на предмети, но како што најавив, во најскоро време ќе се проверува целокупната работа на Апелациониот суд“, вели Александар Камбовски. 

До Судскиот совет кон средината на минатиот месец била испратена анонимна претставка која наводно била од судски соработници и советници кои работеле со Ристов. Камбовски вели дека во таа претставка биле посочени и конкретни предмети.

„Претставката ја водевме како анонимна беше потпишана од група на вработени стручни соработници и советници од Апелационен суд Скопје, без потпис, без имиња, без презимиња, тоа според законот се води како анонимно меѓутоа решивме да формираме група да ги провериме тие предмети а во меѓувреме пак ни стигна демант исто од група на вработени стручни соработници дека не ја поднеле тие таа претставка. Исто таа е без имиња без презимиња, на оваа вторава пак има потписи ставено. Така да и двете ги цениме како анонимни“, вели Александар Камбовски.

Судијата Ѓоко Ристов е во куќен притвор како и дополнителна мерка за одземање на пасошот и забрана за издавање нов.