Судскиот совет бара одговорност од Беса Адеми – отсуствувала од седниците и не пријавила политички закани

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, побара дисциплинска одговорност, па дури и разрешување од функцијата за претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Ја товари за неучество на седници на советот како и за изјави во медиумите дека има обиди за притисоци и политички закани во Врховниот суд. Подносителот на барањето за одговорност, Миљазим Мустафа, побара Адеми да ги каже причините за неучеството на седниците, како и зошто не ги пријавила заканите до правосудните институции.

Мустафа вели дека Адеми нема доставено никакви документи со оправдување за неучеството на седниците и со тоа го оневозможила преземањето ефикасни и активни мерки во рамките на советот.

На овие обвинувања Адеми одговори дека континуирано придонесувала преку материјалите и извештаите кои биле побарани од Врховниот суд и не било потребно таа да биде физички присутна.

Миљазим Мустафа побара одговор од Адеми зошто одбила да се сретне со претседателот на Судскиот совет, по изјавите во јавноста дека има закани кон дел од судиите во Врховниот суд. Адеми вели дека немала можност но побарала друг датум. Следниот ден против неа е поведена дисциплинска постапка.

Членот Мустафа рече дека таа средба била итна и дека требало да и се даде предност без оглед на другите обврски. Ја обвини претседателката на Врховен, Адеми дека не презела ништо до органите на правдата за тврдењата за политички притисоци. Цитираше една кривична стапка која предвидува казна затвор.

За тоа дали ќе има одговорност од претседателката на Врховен, Беса Адеми, ќе одлучи Судскиот совет, веднаш по добивањето на извештајот од денешната дискусија. Извештајот треба да се изготви во рок од 15 дена.