Судскиот совет и Здружението на судиите на Република Северна Македонија реагираат во врска со Решението на Уставниот суд И.бр.1/2026 и реакциите што тоа ги предизвика во јавноста, нагласувајќи ја потребата од почитување на независноста на судската власт и владеењето на правото.
Од двете институции посочуваат дека ја почитуваат уставната положба на Уставниот суд и неговите конечни и извршни одлуки, но истовремено нагласуваат дека мора да се почитува и независноста на редовните судови, како и законски предвидените судски постапки и правните лекови.
Како пример го посочуваат предметот П4-240/22, во кој Основниот граѓански суд Скопје на 4 мај 2026 година донел одлука против која е поднесена жалба. Бидејќи одлуката сè уште не е правосилна, за нејзината законитост треба да одлучи надлежниот второстепен суд.
„Секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност“, наведуваат од Судскиот совет и Здружението на судии, предупредувајќи дека поинакво постапување може да создаде впечаток на притисок врз судиите или прејудицирање на исходот.
Тие нагласуваат дека почитувањето на одлуките на Уставниот суд и независноста на редовните судови не се спротивставени принципи, туку делови од истиот уставен поредок.
„Само преку институционална воздржаност, заемно почитување на уставните надлежности и доследно почитување на законските процедури може да се обезбеди владеење на правото и да се зајакне довербата на граѓаните во институциите“, се наведува во реакцијата.
