Судскиот совет формираше Комисија која ќе го истражува работењето на судијата Ѓоко Ристов, кој е во домашен притвор поради тоа што во куќата кај неговите родители биле пронајдени соѕидани 350.000 евра.
Претседателот на Советот Камбовски откри дека има две пријави за судијата Ристов, а ќе се проверуваат 6-7 предмети поврзани со случајот со соѕиданите пари. И натаму нема гаранции дека некои од овие случаи се поврзани со парите пронајдени кај родителите.
Случајот со судијата Ристов ја крена целата јавност. Првите сомнежи за корупција се појавиле пред неколку месеци, откако сведоци почнале да пријавуваат влијание од адвокати и барање мито.
Во истрагата биле вклучени АНБ, Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање, а со техничка опрема на Истражниот центар на Обвинителството биле пронајдени парите.
Работата станала појасна по приведувањето на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен за давање мито од 100 илјади евра, наводно побарани од Ристов за укинување притвор во предметот „Синџир“.
Родителите на Ристов тврдеа дека парите им биле од продажба на имот.
