Прес-конференција одржа денеска Националното здружение за мултипла склероза, по повод одбележувањето на Светскиот ден на мултипла склероза.
Исто така настанот послужи како еден вид платформа за обединување на пациентите, здравствените работници и соработниците на здружението со една цел: редефинирање на иднината на здравствената заштита, подобрување на квалитетот на живот и овозможување соодветна, современа и децентрализирана грижа за секој поединец.
Во своето обраќање, ВД директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, асс. д-р Јован Божиновски, презентираше податоци од клиничката пракса и се осврна на системските напори за модернизација на дијагностиката. Според официјалните евиденции, во нашата земја во моментов живеат околу 2.500 дијагностицирани пациенти со МС. Трендот на откривање на нови пациенти со МС има нагорна линија, што се потврдува со регистрираните 115 новодијагностицирани пациенти во текот на 2025 година.
Како најексклузивна вест на прес-конференцијата беше означен официјалниот старт на децентрализацијата на третманот на пациентите со МС. Овој проект, кој претставува долгогодишно примарно барање на Националното здружение, успешно се имплементира како пилот-програма во три клучни јавни здравствени установи низ државата:
- ЈЗУ Градска општа болница „8-ми Септември“ – Скопје
- ЈЗУ Клиничка болница – Штип (за покривање на Источна и Североисточна Македонија)
- ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид (за Југозападниот регион)
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), д-р Сашо Клековски, потврди дека Фондот максимално излегува во пресрет на зголемените потреби преку одобрување на зголемен наменски условен буџет. Клековски со гордост истакна дека ветувањето дадено минатата година на истиот овој ден е во целост исполнето благодарение на макотрпната синергија меѓу ФЗО, Здружението и Клиниката за неврологија. Доколку оваа пилот-фаза ги потврди очекуваните резултати, децентрализацијата ќе се прошири и во други градови со цел терапијата да биде доближена блиску до домот на пациентот, со што ќе се елиминираат исцрпувачките патувања и патните трошоци.
Посебно емотивен и сензитивен дел од настанот беше презентацијата на најновото истражување, спроведено меѓу членките на здружението од страна на науч. сор. д-р Слободанка Бурнеска Саздова од Клиниката за неврологија. Анкетата, фокусирана на планирањето на семејството кај жените со МС во Македонија, покажа дестимулирачки, но алармантни резултати кои бараат итна општествена акција. Имено, мултиплата склероза сè уште се доживува како огромна психолошка бариера за бременост, но не поради биолошка неможност, туку исклучиво поради неоправдан страв од влошување на состојбата и изразен дефицит на информации.
