Џиновска секвоја на североистокот на Англија е прогласена за највисока природна новогодишна елка во светот, откако ги исполни критериумите на Гинисовата книга на рекорди, соопштија управителите на имотот Крагсајд, каде што се наоѓа дрвото.
Дрвото, високо 44,8 метри, било украсено со помош на дизалица со кран од 51 метар, а за декорацијата биле искористени 1.320 разнообојни ЛЕД-светилки поврзани со повеќе од 800 метри кабел, две големи украсни машни и три полначки батерии, пишува „Вашингтон пост“ (WP).
Управата на имотот наведува дека посебен предизвик било украсувањето на дрвото, со строга грижа за неговото зачувување.
„Здравјето на дрвото ни беше апсолутен приоритет. Не сакавме да ги преоптовариме гранките, бидејќи тоа можеше да ги оштети“, изјави Стив Хауард, менаџер за посетители во Крагсајд, кој е под управа на британската организација „Нешнал Траст“.
Секвојата, стара околу 150 години, меѓу вработените е позната како „џин“. Тимот се одлучил за светла во розова, виолетова и сина боја, додека класичните украси биле изоставени поради силните зимски ветрови карактеристични за северот на Англија. Светлата биле поставувани вертикално, а не обвиткувани околу стеблото, за да се избегнат оштетувања и во согласност со историската практика од викторијанскиот период.
Дрвото се осветлува само неколку часа дневно, со цел заштеда на енергија и намалување на влијанието врз животинскиот свет. Секвојата и минатата година беше прогласена за највисока природна новогодишна елка во Велика Британија, а подготовките за стекнување на светскиот рекорд траеле околу една година.
Според Хауард, интересот на посетителите е исклучително голем, а некои допатувале и стотици километри за да го видат дрвото.
По празниците е планирано отстранување на украсите во јануари, во зависност од временските услови.
„Во споредба со другите дрвја овде, оваа секвоја е сè уште млада. Се надеваме дека ќе живее најмалку уште 150 години“, рече Хауард.
