Свлечиштата што се појавија на трасата на автопатот Кичево-Охрид ќе го пробијат и овој рок на завршување. Свлечишта има на вкупно 13 локации, што според министерот за транспорт, Благој Бочварски се проблем од проектантски и и технички аспект.
Државата и во наредниот период ќе продолжи да работи на трасата, со решавање на проблемот со свлечиштата, но директорот на Јавното претпријатие за Државни патишта, Ејуп Рустеми истакна дека ова е лош пример на изготвен и спроведен проект.
„Ова е типичен пример кој никогаш не треба да се повтори – да градиме со погрешен проект. Токму ова е случајот кога реализираме погрешен проект, во кој достигнавме веќе 85 проценти од неговата реализација, но добиваме неконтролирана работа. Со оглед на овие проблеми, ние како јавно претпријатие заедно со Владата се одлучивме да работиме, односно градиме по модифицираниот ФИДИК модел, во кој ќе градиме со конзорциумот „Бехтел Енка“. Сигурни сме дека со него ќе имаме подобра, побрза и поефикасна комуникација во иднина“, вели Ејуп Рустеми.
Во деловите од трасата каде што не се регистрирани нови проблеми, градежните активности продолжуваат, а во однос на договорот со „Синохидро“ се договараат нови рокови за реализација, за што јавноста дополнително ќе биде информирана, рече Бочварски. Во врска со дополнителните трошоци, министерот Бочварски и директорот Рустеми, истакнаа дека по појавата на свлечиштата, првин треба да се изнајдат решенија, па дури тогаш да се процени дали ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства.
Овој проект почна да се гради во 2013 година, но иако поминаа цели 11 години, автопатот сѐ уште е готов.
