Поставувањето на таблата без албански јазик на границата кај Блаце го направи Европскиот фронт, смета министерот Арбен Таравари, дел од коалицијата ВРЕДИ. Според него, на денот кога е објавена фотографијата, главна вест била повторното судење за случајот за печатите на Алијанса за Албанците, но и обелоденувањето на сомнежите за наместените тендери меѓу ДУИ и пратеникот Елми Азири. Токму за да се оттргне фокусот од овие вести, Таравари вели дека Европскиот фронт предизвикал ваков инцидент. За таблата вели дека во Македонија има стотици табли без албански јазик.
„И што направија, вечерта извадија табла која е сменета. Колку што имам информации, таа табла е сменета по налог на тимот на поранешниот директор на претпријатието „Државни патишта“, па е целосно избелена. Такви табли во Македонија има стотици. Вчера или завчера, портал на албански јазик објави табла на границата меѓу Албанија и Македонија, дури и таму беше само на македонски, но никогаш не е драматизирано тоа“, вели Арбен Таравари.
Запрашан беше и премиерот Христијан Мицкоски кој би можел да ја постави таблата без албански јазик на Блаце. Тој не знае која институција е надлежна, но додава дека всушност не се работи за институција туку за група луѓе кои се под истрага за криминал и корупција.
Освен објавувањето на првите фотографии од поставувањето на таблата на Блаце, Европскиот фронт се уште не одговорил на обвинувањата на ВРЕДИ дека овој чин е дел од планот Европскиот фронт за дестабилизација. Во однос на таблите, оттаму само нагласија дека Јавното претпријатие „Државни патишта“ ги стопирало постапките за промена на сите сообраќајни знаци на автопатите, согласно законот за употреба на албанскиот јазик.
