Азем Садики од ДПА премина во Алијанса за Албанците. Одлуката на Садики следува откако лидерот на ДПА, Мендух Тачи излегол со став дека ќе соработува со партијата на Али Ахмети, односно ДУИ.
„За жал по првиот круг во кој јас убедливо победив со разлика до 706 гласа, лидерот на ДПА ме продаде многу евтино. Тие подготвија замка заедно со ДУИ да ја сменат волјата на жителите на Студеничани“, посочи Азем Садики.
Тој рече дека на овие локални избори била ангажирана целата државна структура, вклучувајќи ја и Владата, полицијата и како што вели, валкани пари биле делени со полициски возила.
„Блерим Беџети, Изет Меџити, Ариф Асани постојано беа по селата во вториот круг и иако се зголемуваа гласовите, со поддршката на АА и силна поддршка од граѓаните на Студеничани јас успеав да победам на изборите, таква е волјата на народот и неговата волја нема сила што може да ја победи“, додаде Азем Садики.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи со благ тон го искоментира преминувањето на градоначалникот на Студеничани, Азем Садики од ДПА во АА.
„Азем победи, се друго е неважно, замислете да не победеше, кој знае колку обвинувања ќе имаше, само тоа е важно, другото не. Цело Студеничани знае дека да не сакавме ние, тој немаше да победи“, посочи Мендух Тачи.
Садики е повторно избран да раководи со општина Студеничани, воедно единствена општина која беше раководена од партијата на Тачи.
