Тачи го поддржува Отворен Балкан: „Албанците го зголемуваат националниот потенцијал“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот човек на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи, како што вели, Албанците можат да ја зголемат нивната економска сила со оглед на тоа што дел од проектот е и Албанија. Но, од друга страна, пак, Тачи смета дека и Косово има право.


-Во принцип Косово има право. Јас како Албанец од Македонија и политичар, искрено не дека сум дел од Влада која го поддржува овој проект, јас сум „за“ проектот и имам аргумент кој не е премногу филозофски. Мојот аргумент е дека во „Отворен Балкан“ Албанците можат да го зголемат својот национален потенцијал, бидејќи членува и Албанија и имам многу повеќе надежи дека нивната економска сила може да стане сила на неколку милионски народ-вели Тачи.

Тачи го коментираше и одбележувањето на 20-годишнината на ДУИ и речиси дводецениското владеење на оваа партија:

-Мислам дека почнувајќи од првиот во ДУИ па надолу, се покажа дека се неспособни луѓе. Знаете ли како ми изгледа ДУИ вака фигуративно и искрено – дека се моќни, ја имаат централната власт, но нивното перчење дека го управуваат добро националниот автомобил, националното возило, е измама и перформанс, бидејќи нив само им изгледа дека возат добро, но сакам да ги потсетам дека нивното возило е пајак служба или шлеп служба и дека тие не возат ништо. Мислам дека треба да ја изгубат оваа власт, но не да исчезнат или да бидат уништени, бидејќи тие се национален политички асет на Албанците во Македонија-изјави Тачи.

ДПА на 5 јули ќе одржи Централен конгрес. Тачи вели дека и доколку се повлече, повторно ќе биде присутен, но додава дека не сака да им дава надеж на оние кои 30 години се бореле против ДПА.