Поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески преку својот Фејсбук профил се обрати на јавноста и порача дека овој „трас-трас“ суд не го признава.
„Како поранешен градоначалник на Битола во три мандати чувствувам лична обврска и одговорност јавно да се произнесам за ова. Наметнатата законска обврска за слободен превоз на учениците, заедно со својот тим ја имав исполнето максимално законски и ја организирав на најдобар можен начин. За разлика од денешната состојбата за превоз на ученици во новата локална самоуправа, за која секако е само прашање на време кога некои нејзини претставници ќе бидат повикани на одговорност, Битола во тоа време беше пример за добро организиран превоз на ученици во цела Македонија. Лага е дека во нашиот случај се работи за кривично дело или за прибавена имотна корист. На нашите ученици им обезбедивме сигурен и безбеден бесплатен превоз и не дозволивме никакви пропусти. Сите беа задоволно од тоа и сите во судската постапка сведочеа дека тоа е така“, пишува Талески.
Тој додава дека пресудата е резултат на политички прогон и монтиран политички процес против мене и не е заснована на реални факти и докази.
„Државниот правобранител, како надлежен орган за заштита на имотот на државата,во својство на сведок во Транспортер достави писмени докази и со тоа потврди дека во овој предмет не е направена никаква штета. Ги достави документите од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука. Иако немал надлежност да врши проценка за општината, заради спецификата на овој случај, достави документ со кој потврди дека не е направена никаква штета и на имотот на општина Битола. Доказите му ги предаде на судот. Ако не постои оштетно побарување од надлежните институции, во тој случај не постои ни сторено ДЕЛО. Во тој случај нема основа за КРИВИЧНО ДЕЛО. Тоа е исто како да осудите некого за убиство, а не постои убиен, не постои жртва“, посочува Талески.
