Ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“ е обжалена од Обвинителството, а предметот веќе е доставен до Апелациониот суд Скопје. Во меѓувреме, останува неизвесно што ќе се случува со имотот на ВМРО-ДПМНЕ кој сè уште е замрзнат, имајќи предвид дека пресудата не е правосилна.
Според информациите објавени од „Слободен печат“, Обвинителството ја примило првостепената пресуда и на 5 август поднело жалба. Од Кривичниот суд потврдиле дека списите по предметот на 6 август се доставени до Апелациониот суд Скопје, откако пресудата претходно им била доставена на странките.
Клучното прашање во овој момент е дали и под кои услови би можело да продолжи постапката поврзана со конфискацијата на партискиот имот, особено поради рокот за застарување на кривичното гонење кој истекува на 31 август.
Од Обвинителството засега не даваат конкретен коментар за прашањето на конфискацијата.
Поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска, која го водеше предметот од самиот почеток, по изрекувањето на ослободителната пресуда оцени дека времето е ограничено и дека дури и при поднесена жалба, Апелациониот суд тешко би можел мериторно да одлучи пред настапувањето на застареноста.
Ристоска посочи дека конфискација на имот е можна и по застарување на кривичното гонење, но не и по правосилна ослободителна пресуда. Според неа, ваквиот развој на постапката дополнително ја усложнува можноста Обвинителството да побара конфискација во посебна постапка.
На 14 јули Никола Груевски беше ослободен од обвинението во „Талир 2“. Судот истовремено не ја прифати ниту конфискацијата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“.
Судијката Даниела Алексовска Стојановска образложи дека ослободителната пресуда е последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година. Според судот, иако доказите и фактите во предметот останале непроменети, по измените на законската регулатива Обвинителството не успеало да докаже надвор од разумно сомневање дека Груевски го сторил кривичното дело за кое се товареше.
Предметот „Талир 2“ беше вратен на повторно судење по одлука на Апелациониот суд од јануари 2024 година, откако претходната пресуда беше укината поради измените на Кривичниот законик. Во првото судење во 2022 година, Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор.
Случајот се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и стекнувањето на партискиот имот. Во рамките на предметот беше опфатено и седиштето на партијата, изградено од градежната компанија „Бетон“.
Извор: „Слободен печат“
