Во Швајцарија, Австрија, БИХ, Шпанија. Стотици граѓани и натаму талкаат по улици во странските држави или престојуваат кај нивни блиски луѓе во исчекување МНР да ги врати дома. Затворањето на границите поради коронавирусот од страна на многу држави во Европа ги остави без можноста да се вратат. Еден од нив е Исмаил Зеќири. Тој враќајќи се од Австрија останал заглавен во Сараево каде не познава никого.
Исмаил Зеќири: „Во понеделникот ја средивме колата и тргнавме кон Црна Гора каде не не пуштија да влеземе бидејќи биле затворени границите, не вратија назад и сега сме тука“.
ТВ21: Каде престојувате во Сараево, што правите?
„Каде што можеме! Има соби на закуп, додека имаме пари добро, но и парите ни се при крај, се потрошивме, ќе треба да спиеме по коли“, додава тој.
Исмаил заедно со двајца другари вели дека во вторникот се пријавил во македонската амбасада во сараево,но до денеска не добиле одговор дали ќе им помогнат да се вратат во земјава. Одговор од амбасадата во Австрија чека и Егзон Јусуфи кој со уште тројца пријатели останале во Виена. Два пати се обидел да ја помине границата но не успеал.
Егзон Јусуфи: Синоќа сакавме да тргнеме од Романија, но беше блокирана границата со Бугарија, така што, останавме, немаме каде да седиме и со пари сме слаби бидејќи овде не дојдовме за да седиме.
ТВ21: Каде сте во моментов?
Е.Ј. – Во моментов кај еден мој познаник кој не прими овде.
ТВ21: Контактиравте ли со Македонската амбасада во Виена?
Е.Ј. – Вчера бевме во амбасадата и само ни земаа име презиме, пасош, не преземаа мерки, рекоа дека ќе не контактираат по две недели, а ние каде да седиме две недели?
Од МНР се уште немаат официјален одговор што ќе биде со граѓаните кои се останати надвор и немаат регулиран престој.
На прашањето дали веќе имаат бројка на граѓани кои се пријавиле во дипломатско-конзуларните претставништва, од МНР кратко одговорија дека се уште се процесираат информациите кои ги добиваат од нашите амбасади низ светот.
