НАТО собори дрон што го нарушил воздушниот простор на Романија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пилот на шпански борбен авион Ф-18, кој учествувал во мисија на НАТО за воздушно патролирање, утрово соборил дрон што незаконски го нарушил националниот воздушен простор на Романија. Ова е четвртиот дрон што Романија го соборила годинава, соопшти романското Министерство за одбрана.

Романија, која е земја – членка на НАТО, има 614 километри долга копнена граница со Украина и во изминатите четири години неколкупати се соочи со нарушувања на својот воздушен простор од руски дронови, како и со пловечки мини во Црното Море долж клучните трговски и енергетски рути.

Министерството не го прецизираше потеклото на дронот, но соопшти дека радарите го регистрирале неговото влегување во земјата од соседна Молдавија, на околу 24 километри северно од југоисточниот романски град Галац.

Борбениот авион Ф-18 „воспоставил радарски контакт со целта и добил дозвола за дејствување“, соопшти Министерството. „Дронот безбедно беше соборен во 05:01 часот.“

Од Министерството наведоа дека остатоците од дронот најверојатно паднале во ненаселена област меѓу две села.

Во јули, пилоти на романски борбени авиони Ф-16 соборија три руски дрона кои го нарушиле националниот воздушен простор, што беше првпат Романија да собори вакви летала по десетици слични упади во период од повеќе од четири години од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Претходно годинава, руски дрон се урна во станбена зграда во градот Галац, во текот на ноќен напад врз соседна Украина, при што беа повредени две лица.