Таравари: Можно е да станеме дел од Владата – Ибрахими: АА се користи како алатка за амортизирање во ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По едномесечна пауза, темата за влезот на опозициската Алијанса за Албанците во Влада повторно актуелна. Преговори за приклучување кон мнозинството има, но конкретна понуда не, рече претседателот на партијата, Арбен Таравари во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Тој додава дека претставници на АА и на владејачките ДУИ и СДСМ одржале средби, но од неформален карактер.

„Во моментов постои веројатност да бидеме дел од Владата и тоа го анализиравме и третираме како прашање во партиските структури, секогаш размислувајќи за доброто на граѓаните, за доброто на државата, за движењата или обврските што треба да ги преземеме. Тие се во согласност со политичките фактори, така да кажам, кои се релевантни во албанските подрачја, но и со меѓународниот фактор“, вели Арбен Таравари.

Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, уверува дека парламентарното мнозинство е стабилно. Коментирајќи ги изјавите на Таравари, Ахмети рече дека се прават обиди за формирање Алијанса за обединета Европа.

„Мислам дека парламентарното мнозинство е стабилно, но има еден поопширен и поперспективен пристап за создавање на Алијанса за обединета Европа. Да видиме колку ќе функционира и колку ќе ја реализираме оваа филозофија.“, вели Али Ахмети.

Но, се чини дека другата владејачка партија Алтернатива, не го поддржува влезот на АА во Владата. Иако не се произнесоа „против“, секретарот, Зеќирија Ибрахими, вели дека влегувањето на опозициската партија во Влада е непотребно и дека тоа може да ѝ служи само на партијата на Ахмети, за како што рече, за да се амортизира експлозијата што се случила во овој субјект.

„Не знам дали ДУИ ќе биде поделена, но дека на ДУИ ѝ недостигаат бројки во Собранието тоа е повеќе од очигледно. Посакувам Алијанса да не ја има само оваа улога – да ја пополни бројката пратеници што ги изгуби ДУИ. Како и да е, тоа се одлуки што ги носи АА. Кажав и претходно, тесно ќе соработуваме кога ќе станат дел од Владата“, посочи Зеќирија Ибрахими.

Таравари во синоќешната емисија „Клик Плус“, рече дека меѓународниот фактор бара АА да влезе во Влада.

Но, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска побара од Таравари да објасни – кој меѓународен фактор побарал оваа партија да стане дел од владината коалицијата?!

Инаку, Алијанса за Албанците сѐ уште чека на конкретна понуда од извршната власт за евентуален влез во Владата. Од партијата велат дека доколку добијат таква понуда, ќе изготват конкретна платформа со барања, како одговор до извршната власт.