Таравари не одлучил дали ќе се кандидира, Талат Џафери го гледа како силен ривал за Гостивар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Таравари сѐ уште не одлучил дали повторно ќе се кандидира за градоначалник на Гостивар. Неговиот став е дека еден мандат е сосема доволен, но како што додава, сѐ ќе зависи од анкетите и партиските одлуки.

„Не ја исклучувам и можноста евентуално да се кандидирам но лично не би сакал, 4 години на локална власт не те изморува туку те преморува и доколку ме прашувате мене би мислел за нова опција, посебно за Гостивар каде имаме апсолутна доминација пред ДУИ.“, вели Таравари.

Таравари смета дека неговата партија има предност во Гостивар. Прашан доколку Талат Џафери би бил кандидат на ДУИ, Таравари одговори:

„Талат Џафери е сериозна кандидатура, да кажам искрено, ужива некаков авторитет во Гостивар иако на парламентарните избори 2020, разликата меѓу ДУИ и АА-ААА беше околу 4 илјади гласови, што е голема разлика. Сите тие луѓе да ги свртиш е проблематично.“, изјави Таравари.

Не добивме одговор од Претседателот на Собранието, Талат Џафери, дали би се кандидирал за градоначалник ако такво нешто од него бара неговата партија. Веројатноста за тоа е мала, од функцијата – прв човек на Собранието да премине на функцијата Градоначалник, а ни поканетите аналитичари во Клик Плус, Раткоцери и Муслиу, изјавија дека не веруваат дека ќе се случи такво нешто. Уште 8 месеци не делат од локалните избори а политичките партии велат дека се уште е рано за да се одлучува за имињата на кандидатите.