Таравари зачуден од поддршката што ја добива – Мемеди најавува нов претседател на АА в недела

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По собирите во Куманово и Гостивар, првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ги собра симпатизерите и во Тетово. Рече дека е изненаден од поддршката што ја добива. Уште еднаш се осврна на причините за поделбата на сопартијците.

„Што нѐ раздели од нашите пријатели? Имавме две опции како Алијанса за Албанците. Едната беше да се приклучиме или да работиме индиректно за ДУИ што јас не прифатив, и втората што ја избравме. Тоа беше обединување и промена“, вели Арбен Таравари.

Таравари вели дека наскоро ќе биде потпишан и договорот за соработка со албанската опозиција. Убеден е дека разликата за победа ќе биде многу голема.

„Замислете, толку позитивна енергија, толку многу луѓе ни се придружуваат што на 8-ми мај дефинитивно ќе се случи промена. Само не знам колкава ќе биде разликата, верувам дека ќе биде многу голема. Затоа…“, вели Арбен Таравари

Но, од друга страна, пратеникот на Алијанса за Албанците, Ремзи Мемеди, кој го поддржува Села, во емисијата „10 Минути“ рече дека на 18 февруари најверојатно ќе биде избран новиот претседател на партијата и ќе се донесе одлука во однос на тоа како партијата ќе излезе на избори. Таборот на Села во моментов има одлука на избори да настапи сама, но Мемеди не ја исклучува можноста да се разговара и за коалицирање со други партии.

„Секако дека по Конгресот, со следниот претседател што ќе го избере Конгресот, ќе се свика Собранието и ќе се отвори оваа дискусија за тоа со кого ќе коалицираме или дискусијата што веќе ја имаме како одлука на Централното раководство, што беше едногласна одлука – дека на избори можеме да се натпреваруваме и сами“, порача Ремзи Мемеди.

Мемеди додава дека АА не може да коалицира со албанската опозиција затоа што претходно биле разочарани од коалициите со нив и истите ја попречиле промената што Алијанса за Албанците сакала да ја донесе. Инаку, АА веќе неколку дена функционира во две групи, едната на чело со Таравари, кој сака да соработува со албанската опозиција, и другата на чело со Села кој има одлука партијата на изборите да настапи сама.