Тензично пред училиштето „Панче Караѓозов“ професорите бараат помошници-директори Албанци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ти ја застапуваш директорката, да разјасниме неколку работи.
-Јас го застапувам училиштето кога директорката е на годишен одмор.
-Училиштето го застапуваш? Не училиштето не можеш да го застапуваш, еве кој го застапува училиштето….
Вака почна расправата меѓу професорите и секретарката на Медицинското училиште „Панче Караѓозов“. Професорите се жалат дека од доаѓањето на актуелната директорка, работите во училиштето се смениле, па поради што тие се чувствуваат маргинализирани. Истакнуваат дека наидуваат на игнорирачки однос во секој аспект, а изоставени се и од организирањето на образовниот процес.

Професорот Шериф Селими, вели дека бараат транспарентност и соодветен третман.

-Ние тука не сме 5 или 10%, туку повеќе од 45%. Не е во ред да се игра со судбината на децата. Нормално е кога една куќа нема домаќин, таа не функционира. Тука се насобраа многу проблеми за кои јас не гледам решение, па дури и да се избере помошник-директор Албанец. Треба да нѐ земат предвид и нас. Треба да го имаме статусот кој ни припаѓа. Како прво, бараме да бидеме третирани како граѓани на оваа држава, а не да изгледаме како кираџии, вели Селими.
Секретарката на училиштето, Линда Чичес, вели дека досега Албанците биле застапени, но дека чекаат директорката да одлучи за соодветно лице, бидејќи на претходниот помошник-директор му истекол мандатот.

-Поплаките на колегите беа дека господинот кој беше избран за помошник-директор како да е избран за албанската страна… значи тие не побараа информации, туку напротив, директорката беше транспарентна, испрати информации и известувања дека господинот беше за македонската страна, при што кажа дека додека не добиеме помошник-директор Албанец можат да се обратат до психологот на училиштето, вели Чичес.


Ова училиште брои 1.200 ученици Македонци и 1.000 Албанци. Според секретарката, има двајца помошници-директори Македонци, а еден треба да биде Албанец, додека пак, професорите тврдат дека се тројца.


-Кажи ми согласно законот и паралелките во училиштето – колку слободни часа издвојувате за тие помошници кои седат во канцеларија и држат наставни часови, колку се 80, 100? Ако Македонците можат да имаат двајца помошници-директори, еден координатор и еден директор, ние, Албанците само со еден помошник-директор, кој ниту во сон нема да го видиме.


Од Град Скопје велат дека согласно Законот не е предвидено да има помошници-директори во средните училишта и дека Град Скопје не го одредува, туку се одредува согласно поставените критериуми. Уверуваат дека веднаш постапиле по случајот, со цел да ја утврдат фактичката состојба.


-Помошникот-директор не е работно место, туку работна обврска која директорот на училиштето ја доделува на некој наставник или стручен соработник од училиштето, каде согласно наведените Критериуми истото лице мора да изведува половина работно време во настава, велат од Град Скопје.


Инаку, Селими вели дека тие сакаат да се изнајде решение, но доколку проблемот не биде решен, ќе се координираат за да ги преземаат неопходните чекори и да ги известат сите релевантни органи за проблемот со кој се соочуваат.