Случајот со наставникот кој се гледа на видеото како го тепа ученикот, според директорот на училиштето Енес Мисини, се случил надвор од просториите на училиштето. Мисини вели дека наставникот не му предава на ученикот, ниту пак некогаш му предавал.
-Го проверивме предметниот случај. Тоа не се случило за време на часот и внатре во училиштето Абдиљ Фрашери, вклучувајќи го и училишниот двор. Наставникот предава попладне по наставниот циклус и не му предава на ученикот, бидејќи ученикот е седмо одделение, а добро е да се напомене дека наставникот не му предавал на овој ученик ниту порано-рече Мисини.
Директорот побарал од наставникот деновиве да не доаѓа на училиште.
-Вакво нешто не се случило во работно време, се случило откако завршиле часовите. Потоа се случил настанот за што тогаш не бев информиран. Во моментов од наставникот побарав да не доаѓа на училиште овие денови-вели Мисини.
Во текот на вчерашниот ден во ова училиште беше и државниот инспекторат за образование.
-Во согласност со комплетната документација, по извршениот инспекциски надзор, составен е Записник со кој директорот на ОУ„Абдиљ Фрашери“, с. Боговиње, општина Боговиње и е наложено да се преземат мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба во врска со физичкото насилство врз ученикот објавено во јавноста и медиумите и доколку се утврди повреда на етичкиот кодекс на наставникот да се преземат соодветни мерки кои се во негова надлежност-велат од Државниот инспекторат за образование.
Според СВР Тетово, настанот се случил на 5 јуни, додека во полиција бил пријавен на 8 јуни, сабота.
