Од каде доаѓаат дојавите за бомбите и дали ќе се откријат испраќачите на заканувачките мејлови. Премиерот Димитар Ковачевски нема оптимистички најави и вели дека скоро и да не е можно да се детектираат, бидејќи тие се испраќаат од виртуелни адреси надвор од државата. Сепак Ковачевски смирува дека безбедносната состојба во земјава е стабилна.
„Кај голем дел од овие дојави, се работи за дојави кои што се работат преку ВПН врски хостирани во странство при што не може да се детектира веднаш, односно скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи ВПН-ите се виртуелни приватни мрежи хостирани во странски држави и затоа и се работи со партнерските служби“, вели Димитар Ковачевски.
И покрај тоа што Ковачевски вели дека МВР целосно и успешно ја врши својата работа околу дојавите за бомбите министерот Оливер Спасовски го нема во јавноста да објасни до каде е истрагата и што досега е откриено. Пред околу еден месец тој убедуваше дека имаат индиции кој ги праќа мејловите со закани за бомби и дека наскоро ќе излезат со целосен извештај.
„Реков дека сосема сме при крај во делот на реализацијата. Тоа значи кога ќе ги завршиме сите проверки и ги утврдиме фактите ќе ги преземеме сите мерки не само за идентификување туку и нешто повеќе“, вели Оливер Спасовски.
Но од она што досега МВР го има како резултат е тоа што е откриено малолетно дете кое се уфрлило во овие закани и од својот персонален компјутер испратило заканувачка порака за поставени бомби во четири училишта за што заработил кривична пријава.
И по ова заканите сепак продолжиле да пристигаат и тоа на многу адреси во земјава за кое оперативните единици за тероризам постојано се на терен.
Ковачевски вели дека покрај во нашава земја дојави за бомби во регионот има и во Црна Гора и Србија, за што постои комуникација на ниво на партнерски служби.
„Да, секојдневно комуницираат со партнерските служби и од НАТО и од другите партнерски земји со кои што имаме стратешка соработка, притоа при истрагата овие хибридни напади поради геостратешки цели или локални напади заради некакви други цели, прави анализи заедно со службите за безбедност, Агенцијата за национална безбедност, Одделот за антитероризам а што се однесува до мерките после секоја пријавена дојава тие мора да бидат спроведени по целосниот протокол без притоа да се импровизира во било кој поглед“, вели Ковачевски.
Дојавите за бомби најнапред беа само за училишта, но потоа тие се проширија и во ГТЦ, Ист Гејт молот, кулата на Џевахир, а вчера имаше дојава и за Министерството за надворешни работи. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека МВР досега требало да открие кој стои зад овие закани и побараа министерот Спасовски да си поднесе оставка.
