Ова е Зана Куќи од Тетово. Таа живее сама во студентски дом во студентската населба. Нејзиниот живот тече потпирајќи се на помошта која ќе ја добие од хуманитарните организации. Таа веќе две недели живее сама, бидејќи нејзината мајка со која живеела досега, си заминала.
„Две години живев под кирија со мајка ми, но таа пред две и пол недели си замина во нејзиното родно место. Јас имам правено и операција, но за среќа ми помогна Здружението „Светлината на срцето“ и една девојка со нејзината мајка ми помогнаа многу. За моето закрепнување се грижеа тие“, посочи Зана Куќи.
Зана раскажува дека била омажена, но дека сега е разведена. Откако нејзината мајка ја напуштила, таа сега деновите ги минува сама, а помош добива само од хуманитарните организации.
„Јас бев омажена, но се разделив со сопругот и живеев со мајка ми до пред две и пол недели. Бев излезена и кога се вратив таа веќе не беше дома. Си заминала во своето родно место и ме остави сама. Од тој ден за мене се грижи Здружението „Светлина на срцето““, посочи Зана Куќи.
Но, животот на Зана е многу тежок, како што раскажува, без нечија поддршка тешко се минуваат деновите во студентска соба и без ниту еден близок. Тагата јасно може да се прочита во очите на Зана, која поради условите во кои живее не може да ги земе со себе своите две деца…
Зана Куќи: Имам и две деца, но поради условите не можам да ги земам со себе. Тие во моментов се кај нивниот татко.
Н: Колку е тешко да живееш сам?
Зана Куќи: Многу е тешко, кога немаш поддршка од некого, навистина е тешко.
Н: Како го минуваш времето?
Зана Куќи: Седам тука сама, кога ќе ме повика некоја пријателка ќе излезам.
Н: Земаш помош од државата?
Зана Куќи: Не, не земам ништо. Барав, но поради тоа што децата не се со мене, не можам да земам ниту социјална помош.
Ја оставивме Зана во студентскиот дом така како што ја затекнавме – сама. Можеби еден ден ќе ѝ се исполни желбата да има свој дом, но дотогаш Зана ќе чека некој да тропне на нејзината врата и да ѝ пружи парче леб.
Контакт : 075 292 836
