Тетовец се жали: Нема инсулин во болница – од болницата негираат, МЗ вели има недостиг на само еден вид

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овој граѓанин се жали дека во Клиничката болница во Тетово нема инсулин за пациенти со дијабетес. Рушит Рушити веќе неколку дена оди да земе инсулин за сопругата, но од болницата му рекле дека нема. Раскажува дека неговата сопруга мора редовно да ја прима терапијата, бидејќи ѝ се влошува здравјето.

„Тука бевме по инсулин, ни рекоа дека нема од понеделник. Министерството не донело и нема. Не само за мене, туку и за многу други. Има список каде нема, еден вид има, а пет-шест типови нема. Го земам за сопругата, но нема.  Таа прима инсулин двапати на ден затоа што ѝ се тресе телото. Многу висок шеќер, односно дијабетес. Бев горе во Управата, но ми рекоа дека ќе ме известат“, вели Рушит Рушити.

ТВ21 испрати прашање до Министерството за здравство, од каде ни рекоа дека има недостиг само на еден тип инсулин.

„Недостига само еден тип од 26, од кој количината е одамна потрошена. Но, за ова има аналогна терапија, па пациентите кои се на инсулинска терапија се соодветно покриени. Сите други видови на инсулин се достапни и ги има во доволни количини. Исто така, веќе е објавен тендер за набавка на дополнителни количини инсулин“, вели Министерството за здравство.

Но, од тетовската болница велат дека нема недостиг на инсулин.

„Нема недостиг на инсулин. Требувањето за количини на инсулин се прави секој месец согласно потребите на пациентите“, додаваат од Клиничката болница Тетово.

Во Македонија околу 180.000 луѓе се заболени од дијабетес, што значи дека оваа болест е дијагностицирана кај околу 10% од населението, кои постојано примаат инсулинска терапија.