Последниот генерален урбанистички план за Тетово е изработен во 2003 година и истиот имал рок на важење до 2013 година. Оттогаш, градот нема нов урбанистички план. Од Секторот за урбанизам во Општина Тетово информираат дека Генералниот урбанистички план е во тек, додека територијата содржи вкупно 128 урбани блокови, од кои само 68 се со активни планови, додека останатите 60 воопшто немаат детални планови.
„Генералниот урбанистички план на Тетово имал рок до 2013 година и неговиот временски рок бил до 2013 година, а никој нема преземено иницијатива за изработка на нов генерален урбанистички план. Тоа го направи градоначалникот Билал Касами, кој донесе одлука за изработка на нов генерален урбанистички план. Генералниот урбанистички план во себе опфаќа 128 други детални планови, од кои 68 се активни, 60 од нив немаат детални планови, за кои е потребно да ги мотивираме и граѓаните да работат на тие детални планови, за во определеното време да имаме можност и за понатамошен развој.“, порача Рилинд Селмани.
Според Селмани, постапките за изработка на новиот план продолжуваат и главната цел е проширување на урбаниот простор на градот до 1.500 хектари. Со ова планирање се предвидува создавање простори за нови станбени објекти, спортски сали, јавен базен, како и нови инфраструктурни патишта.
„Иницијативата за изработка на генералниот урбанистички план ја презедовме од таа причина, односно да се направи проширување на постојниот план. Постојниот генерален план опфаќа некаде околу 1.160 хектари, додека со новиот ќе бидат опфатени до 1.500 хектари површина. Автоматски, намените кои постојат, ќе се усогласат и со градбите кои се изградени на терен. Генералниот урбанистички план се одвива со брзо темпо. Во фаза сме на изработка на планската програма. Пред тоа, односно ги обезбедуваме и условите за планирање кај Агенцијата за планирање. Тие бараа да имаме пресек на сите урбанистички проекти кои ги добиле условите во текот на годините, односно да се направи усогласување и да се синхронизираат меѓу себе.“, вели Рилинд Селмани.
Во текот на 2025 година, во Општина Тетово се издадени вкупно 212 градежни дозволи, во кои се опфатени новоградби, доградби и проширувања на постојните објекти.
