МЕПСО бара зголемување од над 97 проценти на цената на своите услуги. Ова е само едно од барањата доставени до Регулаторната комисија за енергетика за утврдување на новата цена на електричната енергија. Претходно, своите пресметки ги доставиле и останатите енергетски компании.
Така, МЕМО не бара корекција на цената на своите услуги, додека Електродистрибуција сè уште не соопштила каква промена на цената бара, бидејќи не е завршен тендерот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во мрежата.
Сепак, цената што граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јануари во најголема мера ќе зависи од понудата на ЕСМ. Во моментов, компанијата му ја продава електричната енергија на ЕВН Хоум по цена од 65 евра за мегават-час.
Она што засега е познато е дека цената нема да биде пониска од ова ниво. Сепак, премиерот Христијан Мицкоски вели дека се прават напори од следната година цената да остане непроменета.
