Затворањето на операционите и породилните сали во Општата болница во Гостивар, како последица на загадувањето на водата, ја преоптовари Клиничката болница во Тетово.
Од средината на јули, над 200 пациенти од Гостивар побарале медицинска помош и хируршки интервенции во тетовската болница, каде што најголем прилив првично бил регистриран на Одделот за акушерство.
Првиот прилив на пациенти започнал на 19 јули, при што најголем број барања биле забележани на Одделот за гинекологија, главно за породувања со царски рез.
„На гинеколошкото одделение имаме зголемена фреквенција на пациенти упатени од Општата болница во Гостивар. Вкупно 12 пациентки се породиле кај нас, кои претходно биле најавени од акушерското одделение во Гостивар. Третманот е ист и имаме услови да ги третираме најдобро овие пациенти кои се упатуваат кај нас поради оваа непријатна ситуација.“, порача Елдиар Зилбехари.
Покрај гинекологија, голема оптовареност има и на другите хируршки одделенија. На Урологија се извршени 10 оперативни интервенции и над 50 прегледи. Зголемен прилив е забележан и на Одделот за ортопедија.
„Во последно време, поради ситуацијата во Гостивар, има зголемување на бројот и на операциите и на прегледите на урологија, а воопшто и на хируршкото одделение. Во нашиот оддел во последно време има околу 10 интервенции за операции на простата и разбивање камења. Има зголемување и на бројот на пациенти кои доаѓаат на уролошки прегледи, околу 50 и повеќе. Слично зголемување има и на дигестивната абдоминална хирургија. На дигестивната хирургија се оперирани 9 пациенти од Гостивар, а се извршени 45 прегледи. На абдоминалната хирургија има 3 операции и 37 прегледи. Исто така, поголем број прегледи има и на ортопедија, каде што бројката достигнува 60 прегледи и две ортопедски операции.“, вели Флорим Деари.
И покрај континуираното зголемување на бројот на пациенти, раководителите на тетовската болница уверуваат дека имаат доволно капацитети за да ги прифатат и третираат сите случаи.
Во меѓувреме, операционите сали во Гостивар ќе останат затворени по наредба на Министерството за здравство, сè до добивањето на официјалните резултати со кои ќе се потврди дека водата за пиење е целосно безбедна.
