Од општина Тетово се жалат дека Министерството за образование им го скратило буџетот за блок дотациите за основните училишта за околу 300 илјади евра. Според нив, овие средства не се доволни за редовен образовен процес во основните училишта во Тетово. Упатија апел до МОН да размисли за оваа прашање.
„И сега ќе имаме кратење на буџетот, конкретно дотациите за 2024 за основните училишта во општина Тетово ќе бидат скратени за околу 18 милиони денари или 300 илјади евра. Со ова драстично кратење на буџетот предложен од МОН, средствата нема да бидат доволни за спроведување на наставниот процес во нашите училишта, при што со овој чекор ќе тоне образованието на албански јазик во РСМ.“, вели Назим Даути од секторот од образование на Општина Тетово.
Истото се случува и во општина Чаир, каде блок дотациите за 2024 година, како што велат, изнесуваат 525 милиони денари. Блерим Сулејмани од секторот за финансии, вели дека 500 милиони денари одат само за плати, а во текот на целата година не може да се излезе на крај со основните трошоци со 25 милиони денари. Бараат уште најмалку 30 милиони денари, за да не завршат во долгови.
„Според податоците на Министерството за финансии, планирањето на блок дотациите за основното образование за 2024 година за општина Чаир од Владата на РСМ се одредени 525 милиони денари од кои само за платите на вработените во 10 основни училишта и за регресот кој од оваа година е обврзувачки, одат 500 милиони денари и останатиот дел од 25 милиони денари е многу мал за покривање на сите други трошоци како што се: Централно греење, значи нафта за греење, електрична енергија и другите основни трошоци за нормално функционирање, одржување на објектите, транспортот на учениците и се по ред.“, вели Сулејмани.
Од општина Чаир велат дека и во претходните години блок дотациите биле многу ниски, а кога требало да се додадат средства тие биле земени од буџетот на општината. Блок дотацииите во 2023 година, во Чаир, завршија уште во ноември.
Сепак, министерот за образование Јетон Шаќири уверува дека општините ќе ги имаат сите потребни средства за непречено реализирање на образовниот процес.
„Општините ќе ги имаат потребните средства од блок дотациите и истите со новиот модел кој се планира да се спроведува од септември 2024 ќе се дополнат со сите потребни средства. Општините ќе ги имаат сите потребни средства за непречено реализирање на образовниот процес во основните и средните училишта.“, вели Шаќири.
Инаку општините стравуваат дека со ваквото кратење на средства ќе им се зголеми долгот кој, како што велат, и така’ го плаќаат со камата кај извршителите.
