Се уште не почна изградбата на клучката во Тетово. Беше кажано дека ќе почне во септември, но тој рок веќе е пречекорен.
„Се надеваме дека во септември ќе ги видите машините како работат, ова е многу важно за Тетово“, вели Ејуп Рустеми.
Друг пат Рустеми рече дека работите ќе почнат во почетокот на октомври.
„Од почетокот на октомври ќе почне изградбата на клучката во Тетово со што ќе се овозможи намалување на сообраќајот во Тетово“, вели Ејуп Рустеми.
Рустеми во неговото последно гостување, во интервју за ТВ21, рече дека градежната компанија е веќе избрана, а се чека само градежната дозвола со која, како што додаде, работите ќе почнат кон крајот на октомври.
„За овој дел на клучката во Тетово сакам да ги информирам граѓаните дека компанијата Гранит е избрана како изведувач а е избрана и компанијата која ќе ги надгледува работите. Станува збор за компанија од Скопје. Очекуваме деновиве да стигне дозволата за градба и веројатно следната недела ќе ја земеме и дозволата за градба и веднаш ќе почнат работите за изградба на клучката во Тетово. Значи крајот на октомври, бидејќи претходно сум кажал дека во октомври ќе почнат работите“, порача Ејуп Рустеми.
Инаку клучката во Тетово ќе им овозможи на селата од општина Теарце директен пристап до Коридорот 8, а ќе биде од помош и за економската зона во Тетово. Рокот за изградба е 18 месеци.
