Семејното насилство бележи пораст во тетовскиот регион. За помалку од шест месеци, во Основното јавно обвинителство во Тетово се евидентирани 38 вакви случаи. Во најголем дел од нив, пријавителите се самите жртви, но не изостануваат ниту сведоци или други лица кои биле очевидци на насилството и го пријавиле.
„За помалку од шест месеци, од почетокот на оваа година, во Основното јавно обвинителство во Тетово се примени кривични пријави против вкупно 38 лица за кривични дела телесна повреда и загрозување на сигурноста, сторени при семејно насилство. Во споредба со истиот период минатата година, евидентен е значителен пораст на бројот на вакви предмети, а во одредени денови се регистрираат и по неколку случаи дневно“, велат од ОЈО Тетово.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека семејното насилство не се јавува само кога мажите ги напаѓаат сопругите, туку и обратно. Во пораст се и случаите кога децата вршат насилство врз своите родители. Според полицијата, меѓу главните причини се злоупотребата на алкохол, коцкањето, психичките нарушувања, како и тешките економски услови.
„Главните причини за семејните проблеми или семејното насилство, како и секогаш, се дрогата, алкохолот, психичките нарушувања и економските причини. Така што и во овој период најчести се делата што ги вршат сопрузите врз своите сопруги, но имаме и обратни случаи, кога жени вршат насилство врз своите сопрузи. Исто така, не се ретки ниту случаите кога децата вршат насилство врз родителите, како и родителите врз своите деца итн. СВР Тетово, преку различни програми и проекти со невладини организации, работи на спречување и намалување на оваа појава во општеството, како и на подигнување на свеста кај граѓаните да не ги прикриваат ваквите дела. Тоа е важно за да не дојде до случаи како оној од првиот квартал на оваа година, кога во гостиварскиот регион имавме жртва – син го уби својот татко со употреба на тврди предмети“, изјави Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Сепак, семејното насилство останува појава која во многу случаи се прикрива од блиските или од самите жртви. И од Обвинителството и од СВР Тетово апелираат, ваквите случаи навреме да се пријавуваат, со цел да се спречат тешки телесни повреди или трагедии со смртни последици, како што беше последниот случај во Гостивар.
