За 4 месеци претпријатието Тетово Транспорт доби 7 милиони денари од буџетот на општината. Во октомври минатата година, општината издвои 3 милиони денари, а денеска на седница на советот, се издвоени уште 4 милиони денари, за да се покријат загубите.
„Врз основа на последните пресметки излегува дека на претпријатието му фалат уште 4 милиони денари за да се покријат сите трошоци на претпријатието во 2022. Врз основа на прогнозите и предвидената програма, за 2023 само ќе треба да се одреди стандардот. Претпријатието на годишно ниво ќе има потреба од субвенции од околу 18 милиони денари“, порача Биљал Касами.
Во октомври, директорот на претпријатието, Рафис Мејдиа изјави дека овие средства ќе бидат доволни за да ја завршат годината.
„Ги пресметуваме трошоците на дневно и месечно ниво и ќе ги презентираме, советот издвои 3 милиони денари и верувам дека ќе бидат доволни“, вели Рафис Мејдиа.
Според Касами, општина Тетово ќе усвои план за субвенционирање на претпријатието врз основа на километражата. Во претпријатието Тетово Транспорт има околу 35 вработени.
