Претпријатието „Тетово транспорт“ работи со загуба. Директорот Рафис Мејдија вели дека поскапувањето на нафтата придонело оваа компанија да нема доволно приходи, а цената на билетот останала иста.
„Сега знаеме дека цените на дериватите се многу високи. Билетот во еден правец кај нас е 20 денари и автоматски знаеме дека не можеме да ги покриеме трошоците со билетите кои се продаваат во денот или месецот“, вели Рафис Мејдија.
Советот на општината на последната седница издвои три милиони денари со цел претпријатието да може да ги покрие трошоците. Директорот вели дека овие средства ќе бидат доволни за покривање на трошоците до крајот на годината.
„Ги пресметуваме дневните и месечните трошоци и ќе ги објавиме. Советот одвои 3 милиони денари што верувам дека ќе бидат доволни средства“, посочи Рафис Мејдија.
Општина Тетово купи пет автобуси со кредит од 1,2 милиони евра од Светска банка. Грејс периодот помина пред неколку месеци, а од општината сѐ уште не одговорија – колку изнесува месечната рата за овие автобуси. Неофицијално, ТВ21 дознава дека општината мора да плаќа околу 8 илјади евра месечно.
